Македонија
11. September 2015 - 14:52

Голема полициска акција: Приведени 11 лица поради трговија со дрога и криумчарење мигранти

Полицијата приведе единаесет лица поради трговија со дрога и криумчарење мигранти.  Приведените како припадници на организирана криминална група делувале на национално и меѓународно ниво и биле инволвирани во недозволена трговија со хероин, кокаин, марихуана и криумчарење мигранти.

- Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по спроведена повеќемесечна меѓународна истрага реализираше случај на недозволена трговија со дрога при што од слобода вкупно се лишени  11 лица, од кои петмина во текот на вчерашниот ден, две лица на 23 јуни годинава, едно лице на 22-ри мај годинава на ГП Батровци во соработка со МВР на Србија и две лица на 7-ми мај годинава во соработка со МВР на Албанија, соопшти денеска МВР.

Заради дополнително обезбедување на материјални докази вчера извршени се претреси на дом и други простории во Дебар и на повеќе локации во Тетово при што со повеќе месечната истрага  запленети се вкупно околу 1,8 килограми марихуана, речиси половина килограм хероин односно 443,52 грами како и 2,83 грама кокаин.

МВР соопшти дека вчера од слобода биле лишени С.А.(45), С.Љ.(31), И.И.(47), Д.Ј.(36), сите од Тетово и Б.П.(36) од Дебар. Лицата А.Ј. (29), Б.И. (28) од слобода се лишени на 23.06. годинава при што во тој случај беа запленети 1,7 килограми наркотична дрога  марихуана, а едно лице во моментот сеуште не е достапно на органите на прогон.

- Лицата С.А. и С.Љ. во два наврати, односно во текот на месец ноември минатата и јануари годинава, од непознато  лице набавиле наркотична кокаин заради натамошна продажба со цел  да се стекнат со противправна имотна корист, при што била ангажирана и Е.Д (41) од Велес. По заплената на дрогата, со извршеното вештачење утврдено е дека се работи за вкупно 2,83 грама кокаин. Исто така С.Љ. на почетокот на годинава по инструкции од засега непознато лице на бензиска  пумпа во близина на граничен премин „Богордица„ со товарно моторно возило комбе Форд Транзит со германси регистарски ознаки превземал лица илегални мигранти со намера истите да ги пренесе низ територијата на Македонија за содветен парична надомест. По даден знак од страна на полицијата да го сопре возилото, С.Љ. не застанал односно го продолжил своето движење се до Неготино каде го оставил возилото и се дал во бекство. По извршена контрола во возилото пронајдени се шест лица мигранти со потекло од Сирија, Бангладеш и Авганистан со што С.Љ. сторил и кривично дело - “криумчарење на мигранти“, се наведува во соопштението.

Лицата И.И. и Д.Ј. во втората половина на јуни годинава, организирале  купопродажба на наркотична дрога  марихуана, за сума од 3.000 евра од лицето  Б.П. од Дебар, за што лицата како транспортери ги ангажирале лицата Б.И. и А.Ј. По направениот договор за купопродажба на дрогата Д.Ј. заедно со А.Ј. и Б.И. на 23-ти јуни годинава тргнале во правец на Дебар, каде оствариле средба со Б.П. кој им ја предал дрогата по што истите се упатиле во правец на Тетово каде на патниот правец Маврово-Гостивар од страна на полициски службеници сопрено е патничко моторно возило марка Цитроен со тетовски регистарски таблички управувано од Б.И. и како сопатник А.Ј. По извршен преглед над возилото кај совозачот во просторот за нозете под патосницата пронајдени се две поголеми пакувања облепени со селотејп лента исполнети со непозната растителна материја зелена боја кои што се одземени и предадени на вештачење. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за  1,7 килограми марихуана.

Во врска со оваа заплена до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесена е соодветна пријава, и на лицата им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Лицето И.И., како што се додава во соопштението се јавува и како организатор на уште две други заплени од кои едната е на 22 мај годинава при што во соработка со МВР на Србија на ГП Батровци од слобода е лишено лицето Е.М. (49)  од Тетово, кој патувал со автобус на релација Струга-Копар при што кај него во тетрапак сок пронајдени беа 443,52 грами хероин.

На 7-ми мај годинава во соработка со МВР на Албанија по извршена   контрола и претрес на патничко моторно возило „VW Polo“ со тетовски регистарски таблички на територија на соседна Албанија од слобода се лишени лицата М.И. (38) и М.А. (45) двајцата од Тетово при што запленети се 73 грами марихуана. За овие два случаи поднесено е барање за меѓународна правна помош, за што по добивањето на доказите ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до  Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против инволвираните лица поднесена е кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, соопшти МВР.