Македонија
27. November 2016 - 11:48

Голема акција на МВР: Разбиена група дилери на дрога

Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР-Скопје за два различни случаи поднела две кривични пријави до надлежното скопското Јавно обвинителтво против лицата Б.М.Ѓ. (30), Д.С. (34) и И.Н. (38) од Скопје, како и против С.М. (43) од Скопје и Т.К. (43) од Гевгелија, поради основано сомнение дека во текот на минатиот месец неовластено набавиле поголема количина на синтетичка дрога-екстази и хероин, наменети за улична продажба.

Како што соопшти МВР, за сторените кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидени и казниви по член 215, судија на претходна постапка на С.М. и Т.К. им одредил мерка притвор во траење од по 30 дена.

Во првиот случај, Единицата за недозволена трговија со дрога по добиено сознание дека Б.М.Ѓ. кој и претходно бил кривично пријавуван за недозволена трговија со синтетички дроги, планирал да набави поголема количина на синтетичка дрога-екстази, со намера улично да ја продава, презеде мерки за потврдување на сознанието и обезбедување на материјални докази.

По потврдување на сознанието, како што се додава во соопштението, преземени се мерки за утврдување на движењето на пријавениот и локациите каде би можел да врши препродажба на дрогата при што на 12-ти овој месец околу 19:00 часот во населбата Капиштец од полициски службеници на Единицата, извршено било легитимирање и преглед на Д.С. и И.Н. како и преглед на моторното возило во кое биле пријавените, при што кај И.Н. биле пронајдени и одземени 14 таблети екстази.

Лицата биле приведени во службените простории на Единицата за недозволена трговија со дрога, а со наредба од судија на претходна постапка истиот ден бил извршен претрес во домот на Б.М.Ѓ. каде биле пронајдени и одземени 0,58 грама амфетамин во прашкаста форма, 3,4 грама амфетамин во грутчеста форма, дигитална вага со траги од амфетамин, кокаин и марихуана, како и 27.500 денари и 250 евра.

Второто кривично дело, како што е наведено во соопштението од МВР, го извршиле С.М. од Скопје и Т.К. од Гевгелија, при што С.М. по претходен телефонски договор со Т.К. од засега непознато лице од Скопје набавил 30 грама хероин и за 420 евра му го продал на Т.К., кој планирал улично да го продава на уживатели.

По добиено сознание дека С.М. вршел улична продажба на хероин на уживатели од Скопје, но и од други градови од Македонија, преземен се мерки за потврдување на сознанието и обезбедување материјални докази.

- Дознаено е дека на 15-ти овој месец С.М. планирал да продаде поголема количина на хероин на лице од Гевгелија, при што во вечерните часови било забележано возило со гевгелиски регистерски таблици од кое излегле три лица и се упатиле кон домот на С.М. Откако лицата кратко се задржале, излегле и со возилото се упатиле кон наплатната рампа „Петровец“, каде од полициски службеници од Единицата, биле сопрени и легитимирани и по извршениот преглед над нив и претрес на моторното возило, кај Т.К. сокриено во чорапите било пронајдено едно полиетиленско кесиче со 30 грама хероин. Т.К. заедно со другите две лица кои биле во возилото се приведени во службените простории на Единицата, соопшти МВР.