Спорт плус
6. May 2018 - 17:55

Голем спортски успех на параолимпијката Оливера Наковска Бикова, обезбеди директен пласман на ПОИ Токио 2020

На Светското првенство во стрелаштво што се одржува од 01-12.05.2018 година во Чеонгју, Република Кореја, македонската спортистка - параолимпијката Оливера Наковска Бикова на 4. мај во дисциплината Спорт пиштол 25 метри со резултат од 569 кругови влезе во финалето како четвртопласирана од 32 спортисти кои настапија во борбата за медали, што воедно значеше и освојување на директна квото за учество на следните Параолимписки игри што ќе се одржат во Токио 2020.

Согласно пропозициите, во оваа дисциплина 4 спортисти освојуваа директни квоти за Токио и тоа носителите на медали и најдобро пласираната спортистка. Со оглед на тоа дека Оливера беше единствената спортистка во финалето, веднаш беше јасно дека е најдобро пласирана спортистка и ја освои квотата со самиот пласман во финалето.

Ова е голем успех за Оливера, на која настапот во Токио ќе и бидат петти параолимписки игри по ред, но и на Макдонскиот параолимписки комитет кој континуирано бележи пласман на свои спортисти со освојување на директни квоти од Барцелона 1992 година, значи последователно на 8 параолимписки игри.

По испуканото финале, го зазеде конечното 6-то место во дисциплината Спорт пиштол 25 метри.

На 6. мај Наковска-Бикова настапи во дисциплината воздушен пиштол-жени и во конкуренција на 31 натпреварувачка, во основниот дел го освои првото место со изедначен светски рекорд од 570 кругови.

Во финалето, по исстреланите дополнителни 22 истрели, Оливера Наковска Бикова го освои 3-то место и бронзениот медал со резултат од 214,3 кругови. Ова е трет последователен бронзен медал на нашата спортистка од Светските првенства. Трета беше и во Загреб 2010 и во Сул 2014 година во истата дисциплина.