Свет
17. October 2017 - 9:21

Голем простор за влез на екстремната десница во австриската влада

Со кој коалициски партнер Себастијан Курц ќе составува влада е клучното прашање по изборите во Австрија во неделата, кога младиот лидер на Народната партија освои мнозинство гласови.

Големи се шансите коалициски партнер на Курц да му стане Штрахе, лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата.

Почетокот на разговорите за коалицирање меѓу партиите се очекува денеска.

Ако се оствари т.н. црно - сина коалиција, наречена според партиските бои на двете десничарски партии, тоа би било големо свртување в десно на Австрија, но како што објавува печатот, таа коалиција е логична ако се знае дека програмите на тие две партии се најслични.

Конечните резултати се очекуваат в четврток бидејќи се уште трае броењето на гласовите на граѓаните кои гласаат по пошта, но од издадените 900 илјади т.н. избирачки карти, преброени се 400 илјади, така што трендот е познат и маргините на отстапување се оценуваат како мали.

Народната партија е победник со освоени околу 32 отсто од гласовите, на второ место е Социјалистичката партија на досегашниот канцелар Кристијан Керн со досега освоени 26,9 отсто од гласовите и на трето место Партијата на слободата со 26 отсто гласови.

Керн вчера изјави дека социјалистите се отворени за разговори за можна коалиција со сите партии.

- Не сакаме да затвориме ниту една врата, рече тој.

Како што објави Стандард, Керн прифаќа преговори и со екстремната десница, без оглед што градоначаланикот на Виена кој е од истата партија, Михаел Хојпл, е против коалиција со Штрахе.

Извесниот мандатар Курц ќе биде најмлад лидер во Европа и ако биде избран, најмлад канцелар што некогаш го имала Австрија.

Тој застана на чело на Народната партија на почетокот на годината, но многу успешно се наметна како нов бренд.

По објавувањето на прелиминарните резултати кои навестуваа ситурна победа на Курц, анкетирани граѓани велеа дека гласале за него затоа што сакаат промена.

- Време беше за нешто ново, ни треба промена, изјави млад Австриец за радиопрограмата на А1.

Тука лежи најверојатно и формулата за успех на Курц кој успеа да наметне имиџ дека тој е промената, иако неговата партија е долги години на власт во коалиција со социјалистичката.

Но, социјалистите ја држат највисоката позиција - претседател на владата уште од 1970 година, со пауза од седумте години кога Волфганг Шусел беше канцелар, па логично, поимот власт се поистоветува најмногу со нивната партија.

Дополнително, ребрендирањето на партијата со ново име, Нова народна партија и промената на партиската боја од црна во тиркизна, аналитичарите ја оценуваат како маркетиншки потег кој му донел успех на Курц.

Досегашните коалициските партнери во власта, од левиот и десниот центар, влегоа во конфликт по ланските претседателски избори што резултираше со распишување на сегашните парламентарни избори што се одржаа една година пред редовниот термин.

По првиот круг претседателски избори ниту една од владејачките партии не обезбеди учество во втор круг што беше силен аларм дека гласачите се незадоволни од власта.

Изборите ги доби кандидатот на зелените, а интересно е дека една година подоцна, таа партија не може да обезбеди ниту место во парламентот.

Практично Партијата на зелените е најголем губитник на овие избори, со големи шанси да стане вонпарламентарна. Тоа се поврзува со внатрешниот раскол, по кој еден од најпопуларните членови Петер Пилц излезе на актуелните избори како независен кандидат со своја листа, која освои повеќе гласови од неговата иницијална партија.

Либералите НЕОС обезбедија сигурен влез во параламентот, а за зелените и листата на Пилц, ќе се знае по конечните резултати.

Изборниот скор покажа голема победа за екстремната десница, која по 12 години отсуство, сега е на пат повторно да влезе во влада.

Успехот на Партијата на слободата на овие избори најмногу се поврзува со стравот кај Австријците од напливот на мигранти од почетокот на 2015 година. Лидерот Штрахе првично имаше “тврдокорна” реторика во однос на мигрантите, но во кампањата го ограничи противењето на влез на мигранти на муслиманите, кои според неговите зборови, се закана за вредностите на Австрија.

Поразително за европските вредности во однос на човековите права е прецепцијата дека “ловот” на гласови се вршеше преку грбот на мигрантите муслимани, кои во голем дел се бегалци од подрачја зафатени со војна како Сирија и Авганистан.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера му честиташе на Курц и изјави дека не очекува проблеми во однос на различните ставови меѓу нив во однос на прифаќањето на мигрантите.

Интересно, но Курц извлече двојна корист од мигрантската криза.

Негов најголем адут во изборите беше отворањето на вратите за бегалците, со што тој освои многу од симпатиите на мигрантите староседелци од кои многумина со стекнато право на глас како австриски државјани. Од друга страна, неговите ветувања главно без насочени кон Австријците кои се противат на влезот на мигранти. Реториката кон нив беше дека ќе го запре неконтролиралниот влез.

Во 2015 и 2016 околу 130 илјади мигранти побарале азил во Австрија. Државата има 8,7 милиони жители.