Фудбал
27. March 2016 - 11:38

Голем пресврт во Берлин

Во пријателскиот фудбалски натпревар одигран во саботата вечерта на Олимпискиот стадион во Берлин, селекцијата на Англија ја совлада репрезентацијата на светскиот првак Германија со 3-2, иако беше во заостанување од 0-2.
 
Германија поведе со голот на Тони Крос во 43 минута, а водството го зголеми Марио Гомез во 57-та. Меѓутоа, брзиот гол на Хари Кејн во 61 минута, ги врати Англичаните во игра и најави дека „Гордиот Албион“ би можел по третпат да ги совлада Германците на нивен терен, откако тоа претходно му успеа во 2001 година во квалификациите за Светското првенство со резултат 5-1, како и во пријателскиот меч во 2008 година, со 2-1.
 
До крајот на натпреварот Англија успеа да го направи целосниот пресврт, откако прво во 75 минута со петица гол постигна Џејми Варди 198 секунди откако влезе во игра како замена, а победничкиот гол го постигна Ерик Диер во првата минута од судиското продолжение.
 
Азербејџан, во мечот одигран во турскиот град Анталија, загуби од Казахстан со голот на Абзал Бејснеков во 8 минута.
 
Полска без никакви проблеми ја совлада Финска со 5-0, продолжувајќи ја победничката серија од пет натпревари. По два гола постигнаа Камил Гросицки, во 18 и 85 минута, и Павел Вшолек, во 20 и 67 минута, а Филип Старжинки погоди во 33 минута.
 
Русија на московската „Откритие Арена“, исто така, без поголеми проблеми со 3-0 славеше над Литванија. Стрелци беа Федор Смолов во 41 минута, Александр Головин во 61-та и Денис Глушаков во 72 минута.
 
Австрија во Виена ја совлада Албанија со 2-1. Головите ги постигнаа Марк Јанко во 6 и Мартник Харник во 13 минута, додека гостите намалија во 47 минута преку Ермир Лењани. Албанија мечот го заврши со играч помалку, откако во 78 минута беше исклучен Ергис Каче.