Македонија
21. July 2021 - 21:26

Голем пожар во Карбинци

Две викенд куќи, објект на шумското стопанство, препумпна станица за водовод на неколку села, фотоволтаична централа  и значителна количина на дрвена маса изгореа во големиот пожар што попладнево избувна во атарот на општина Карбинци. Во една од вилите имало 3 лица, меѓу кои и 30 годишно момче со посебни потреби, кои за среќа се спасени.

- По брзата интервенција на полицијата и месното население, лицата беа евакуирани, меѓутоа имотот е уништен 100 %- изјави Јордан Насев, градоначалник на Карбинци.

Во гаснењето на пожарот е интервенирано со 4 возила, 20 пожарникари и земјоделска механизација на месното население. Меѓутоа, силниот ветер постојано го разгорувал огнот.

- Со трактори одоруваа, човекот оваа куќа што ја спаси, животот си го ризикуваше, имаше многу луѓе, ама џабе е, не можеш ништо да спасиш.-  Анкета жители на општина Карбинци

Ова е трет пожар за неполн месец во општината, при што вкупно се изгорени над 300 ха земјоделско земјиште и причинета е значителна материјална штета.