Македонија
10. November 2016 - 16:31

Голем интерес за ин витро оплодување

Годинава  1200 брачни парови добиле шанса за ин витро.  До крајот на декември оваа бројка ќе биде за 20 проценти поголема од 2015. Можност за проширување на семејството имаат и 146 сопружници на кои им бил одобрен ваучер за второ дете. По владината одлука на државна сметка да биде и добивање на трето дете по вештачки пат, Фондот веќе издал 5 вакви одобренија. Зголемениот интерес според надлежните се должи на олеснувањето на процедурите што ги воведоа изминатиот период.

-  Големо олеснување за осигуреничките беа и законските измени од крајот на 2015 година со кои осигуреничките се ослободија од плаќање на партиципацијата која дотогаш изнесуваше 6.000 денари за користење здравствени услуги во постапките на Ин витро за добивање прво, второ, трето и четврто дете и од тогаш таа е на товар на Фондот. Со сите наши расположливи капацитети, ја реализираме нашата цел да им излеземе пресрет на сите барања на осигурениците кои сакаат да имаат деца, а имаат потешкотии да го остварат тоа, изјави Сашо Стефановски, директор на ФЗОМ

Од 2008 досега, Фондот издал 9640 ваучери за добивање на дете по вештачки пат. Според статистиката, само минатата година од сите постапки за инвитро половината биле успешни, за разлика од 2011 кога бебе добиле 37 проценти од паровите. Тие имаат можност оплодувањето  да го направат во една од деветте болници со кои Фондот има склучено договор.