Бизнис
6. November 2015 - 20:06

Голем интерес за купување земјоделска механизација со владина подршка

Околу 420 земјоделци ќе добијат нови трактори и приклучна механизација со помош од државата. Ќе им бидат покриени  50 отсто од трошоците за набавка. Надлежните информираат дека на повикот кој траеше до 1ви септември се пријавиле над 1640 регистрирани земјоделци кои одгледуваат житни и индустриски култури. Се прават напори да се обезбедат средства уште 500 од нив да можат да добијат нова земјоделска механизација.

 Ова беше првата мерка која ја имплементиравме преку електронско аплицирање, односно корисниците имаа можност секој од сопствениот дом да достави барање за финансиска поддршка за набавка на механизација за секторите житни и индустриски култури. Правиме напори  во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се алоцираат доплнителни 180 милиони денари за оваа мерка и со нив да можеме да склучиме договори со уште 500 баратели, рече директорката на АФПЗРР Весна Вуковиќ на денешната прес-конференција.

Изминатиот период по принципот 50-50 се набавени 7800 парчиња земјоделска механизација од кои 1570 трактори и 6230 парчиња друга механизација. Земјоделците можеа електронски да аплицираат на објавениот повик. Од Агенцијата очекуваат дека во иднина и барањата за субвенции ќе можат да се поднесуваат електронски со што значително ќе се намалат гужвите и чекањето. Земјоделците се задоволни што државата им помага да покријат половина од трошоците, и сметаат дека со новата опрема значително ќе им се олесни работата.

Дополнително на располагање на земјоделците им стојат и парите од ИПАРД програмата.

За набавка на опремата од овој повик  државата има издвоено 120 милиони денари.