Македонија
22. November 2019 - 15:37

Голем интерес за бесплатно вакцинирање против сезонски грип во Велес

Во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес денеска започна бесплатното вакцинирање против сезонски грип за што оваа здравствена установа доби 1.050 вакцини.

На првиот ден имало голема навалица  и само за неколку часа биле вакцинирани 54 претежно стари лица. Д-р Билјана Трајкова епидемиолог од оваа јавна здравствена установа информира дека за разлика од лани годинава може да се вакцинираат сите пензионери над 65 години, без разлика на висината на пензијата како и хронично болни, деца од шест месеци до пет години, бремени жени и здравствени работници.

Таа појаснува дека за да се вакцинираат тие треба да добијат упат од својот матичен лекар преку „Мој термин“.

Трајкова информира дека за Гевгелија и Кавадарци дистрибуирале по 700 бесплатни вакцини, а за Неготино и Свети Николе по 400.

Воедно од понеделникот, па досега со комерцијални вакцини се вакцинирале и 280 граѓани, од кои само денеска 36, а кои не се во категоријата бесплатни. За нив вакцината изнесува 650 денари исто како лани. Инаку ЈЗУ Центар  за здравствена заштита годинава добил 1.300 комерцијални вакцини за Велес и Повардарието.