Македонија
3. February 2019 - 16:21

Голем број работници не се дел од системот за заштита при работа

Над 20.000 домашните работници во Македонија не се заштитени според Законот за безбедност и здравје при работа и нивната работа не е доволно прецизирана во Законот за работни односи. Немаат пензиско и инвалидско осигурување и се дел од сивата економија. Неат Усеиноски од Прилеп се 6 члено семејство, никој не бил вработен. Од 2009 година работи со машина за сечење на дрва, но и други домашни активности каде ќе биде повикан.

„ Работиме денес за утре. Ако најдеме работа ќе има денес да купиме да пазариме за дома јадење за децата, ако не нема. Еден ден работиме, три дена нема работа.Останати сме, едноставно заборавени од страна на државата“, рече Усеиноски.

Се плаши дека ако продолжи вака нема да успее да добие ниту пензија. Се надева дека државата ќе најде начин за домашните работници како него да ги внесе и нив во системот.

„Чичко ми цел живот работеше како мајстор и на крајот нема ни пензија ни ништо, социјално зема од 1.500 денари и тоа е се. А со 1.500 денари ти не можеш да поминеш еден цел месец“, рече Усеиноски.

Но според НВО секторот кој се занимава со оваа проблематика само 30% од домашните работници во Македонија сакаат да бидат внесени во системот, останатите сакаат да работат на црно. За да се стопира сивата економија и овие работници да добијат пензиско и инвалидско осигурување се бара нивно поголемо вклучување во новиот закон за работни односи.

„Законот за работни односии е во фаза на разгледување. Домашните работници многу малку се вклучени затоа што не е дел имплементирана Конвенцијата за заштита за домашните работници. Македонија мора да го усогласи овој закон за работни односи, но исто така Законот за пензиско и инвалидско осигурување каде се вклучени и домашните работници“, истакна Рубин Аризанкоски, секретар на здружение „Достоинствен работник“ – Прилеп.

Синдикалците велат дека овој проблем може да се реши само со вистинска одлучност на државата да го реши проблемот, a не како досега.

„Да се имплементира со инспекциски надзор и контроли на работата на овие работници“, вели Лазе Ангелески, поранешен претседател на ССМ Прилеп.

Од Министерстовото за труд само потврдија дека домашните работници ќе биделе дел од новиот закон за работни односи, но без да прецираат повеќе детали.