Балкан
8. December 2019 - 13:31

Гојковиќ го осуди обидот на демонстрантите да влезат во Парламентот

Претседателката на српското Собрание, Маја Гојковиќ го осуди синоќешниот обид на учесниците на протестите „Еден од пет милиони“ да влезат во Парламентот, соопштија од нејзиниот кабинет.

– Најостро го осудувам насилниот обид за упад во Домот на Националното собрание. Поддржувачите на Сојузот за Србија, предводени од Бошко Обрадовиќ (Двери), кои упаднаа во зградата на РТС, градското собрание на Белград, кои се пресметуваат со новинарите, сега се дрзнаа кон нов вандалски чин и јасно ставија до знаење дека нивната единствена намера е да предизвикаат немири во желбата да дојдат на власт без волја на граѓаните, истакна Гојковиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Гојковиќ оцени дека Обрадовиќ „во дивеечкиот обид да ја пробие вратата на собранието, со злоупотреба на знамето на Србија“ покажа дека не ги почитува националните симболи на Србија.

– Србија е демократска земја каде граѓаните имаат право мирно да протестираат, но „никој нема право насилно да упаѓа во институциите. Парламентот е место за дијалог на претставниците на српските граѓани, а не место за провоцирање и поттикнување насилство, додаде таа.

Учесниците на протестите „Еден од пет милиони“ синоќа успеаја да дојдат до главниот влез на Парламентот, во што ги спречи група цивили, а тоа доведе до „силно туркање меѓу нив“.

Собирот и турканицата на демонстрантите пред вратата на Собранието дојде по повик на организаторите да почнат да „тропнат“ на неа и да викаат: „Го ослободивме Ректоратот, ќе го ослободиме и Собранието“.

Протестот заврши со порака до полицијата дека следниот собир нема да биде пријавен, доколку не биде приведено лицето кое пред една недела, на протестите, го нападна активистот Срѓан Марковиќ.