Македонија
22. December 2015 - 17:12

Годишно обраќање на Иванов во Собранието

Безусловно да се фокусираме на реформите и да престанеме да чекаме некој друг да ги заврши работите наместо нас. Претседателот Ѓорѓе Иванов испрати порака до сите политички субјекти во своето годишно обраќање пред пратениците. Потребен е нов пристап и тоа двострано рече Иванов, да се промени пристапот кон ЕУ кон европските приоритети и реформски процеси. Изминатата година се соочивме со три полтички кризи и поради политичка неодговорност го добивме договорот од Пржино рече Иванов. Политичката култура на поделеност ја нарече елегантно име за политичка некултура. Неодговорното однесување на партиите неповолно се одрази рече и врз евроинтеграцискиот процес. По 7 години наместо извештај за напредок, датум за членство добивме извештај за стагнација. ГЛавна причини е грчкото вето нагласи Иванов, но запраша зошто и покрај ова,создававме и внатрешен проблем. Добивме договор меѓу лидерите на кои уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнат, ниту иницијативата и отворените врати на мојот кабинет, и наместо во институциите решија да се среќаваат на други места во други формати. Нивна беше одлуката рече претседателот и нивна е одговорноста за Пржино.

Иванов нагласи дека ја уважува улогата на меѓународните посредници кои се вклучени во надминувањето на оваа сериозна политичка криза но истовремено рече дека токму од нив бара да ја отстранат и главната причина за настанување на кризите а тоа е статус кво состојбата во интеграциите. Претседателот во своето обраќање се осврна и на безбедносната состојба на држаата. Политичката криза ја отвори вратата за безбедносните закани. Траумите од Куманово рече ни се сеуште свежи, државата загуби 8 храбри припадници на полицијата. Останува судството достојно и професионално да ја заврши својата работа порача Иванов. Иванов истакна дека Куманово е школски пример како не треба да се однесуваат државите и службите во постигнувањето на регионалната безбедност.

Додека траеја партиските препукувања низ Македонија почнаа да минуваат мигранти и бегалци рече Иванов. Способноста како држава да се справиме со овој предизвик е ставена на тест порача тој. Европската унија беше затекната во случајот со мигрантите, нефункционалниот механизам е нивниот прв пропуст. Потоа доволија земји членки да не ги регистрираат бегалците, и да носат еднострани одлуки и сето тоа беше на товар на Македонија нагласи Иванов. Самостојно го решаваме и овој проблем, го активиравме кризниот менаџмент , безвме првата држава која не е членка во ЕУ а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција.За ова горливо прашање Иванов со своите заложби нагласи дека успеал Македонија да ја стави на маса со сите европски лидери и да биде дел од решението а не дел од проблемот.

Идната година прославуваме четврт век од независноста и сувереноста а дозволуваме некој друг да ни  го моделира политичкиот и правен систем. Крајно време порача Иванов е да се надмине овој погубен синдром на сервилност, да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом. Претседателот се осврна и на прашањето за медимуите и порача да не дозволуваат наметнати правила и стандарди и да го вратат достоинството и угледот. Идната година рече ќе биде тест на кој треба да окажеме што сме научиле во изминатите години. Претседателот Иванов ги повика сите по изборите едногласно да го обновиме заветото и посветеноста кон европската и евроатлантската интеграција. Најважен приоритет во 2016та порача претседателот е да имаме функционална држава , држава во која ќе има мир и безбедност, во која ќе растат  приватните бизниси а ќе се намалува бирократизираноста, држава во која ќе се врати довербата на граѓаните во сите сфери. Верувам дека одговорни, сплотени и подготвени може да се соочиме со се што ќе ни донесе неизвесната иднина порача претседателот Иванов.