Бизнис
24. May 2018 - 19:37

Годинава се очекува помалку тутун, тутунарите бараат за 20% повисока цена

Поради лошите временски услови оваа година нема да бидат исполнети очекувањата на откупувачите на тутун да бидат произведени 28 милиони килограми. Ова е ставот на Сојузот на тутунарски здруженија кои истакнаа дека годинава според проценките нема да има повеќе од 23 милиони киилограми тутун. Токму затоа бараат зголемување на цената на тутунот за 20%.

„Барањето на Сојузот на тутунарски здруженија е цената да биде покачена за 20%, и намалување на разликата на класите. Со тоа ќе дојдеме зголемување на прва класа за 10%, втора класа 30%, и 20% зголемување на трета класа. Така што со тоа ќе се доближат и разликите на самите класи. Затоа што поголемиот дел од тутунот оди во втора и трета класа и затоа сакаме да ја намалиме разлика помеѓу тие класи“, вели Кире Неделкоски, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија на Македонија.

Ориенталниот тутун моментално бил најмногу застапен во Македонија и Турција, но Турција не извезувала таа го употребувала за свои потреби. А во Бугарија и Грција се произведувале само по околу 6 милиони килограми.

„И од таа гледна точка се водевме и укажувавме на откупувачиите дека ии тие треба да ја поткренат цената бидејќи нив тутун му треба. Значи Балканов фабрикацијата треба да ја задоволи со 120 милиони килограми тутун, кој во моментов го нема. И затоа ги очекуваме оние повисоки цени“, рече Данчо Милески, член на Сојуз на тутунарски здруженија на Македонија.

За 2018 година требало да се склучат околу 34.105 договори со тутунарите, а пријавена површина под која ќе се засади тутун била 14.669 хектари. Најголем проблем за незголемувањето на количините бил тоа што младите луѓе веќе не сакале да садат тутун.

„Но фирмите што очекуваат дека ќе се зголеми тутунопроизводството се лажат затоа што младите 30% веќе заминаа во странство. И не очекувам да има од 23 до 24 милиони килограми тутун“, вели Муса Ибраимоски, член на Сојуз на тутунарски здруженија на Македонија.

Тутунарите исто така бараат во иднина во новиот закон да биде вклучено и тоа да производителот пред време знае колкава ќе биде цената по килограм тутун за да знае со кој откупувач да склучи договор.