Македонија
28. December 2016 - 16:36

Годинава има рекорден број на заразени со варичела

Близу 10.000 случаи со овчи сипаници се регистрирани годинава во Македонија. Според епидемиолозите од ИЈЗ ова е рекорден број на заразени последната декада. Само во декември евидентирани се 1265 лица со варичела.  Лекарите сметаат дека климатските промени се причина овој вирус се шири и во зима и на лето.

- Ова заболување е карактеристично за зимскиот период, но веќе го регистрираме во текот на целата година, изјави д-р Гордана Кузмановска, раководител на епидемиологија во ИЈЗ.

Варичелата се пренесува преку респираторен пат и допир. Ова заразно заболување многу брзо се шири, а најзастапено е кај школската популација.

- Повеќето деца поминуваат полесно, но кај некои случаи може да предизвика и компликации додава д-р Кузмановска.

Најдобра превентивна мерка е заразениот да биде во домашни услови.  Инкубацијата трае од  10 до 23 дена до  појава на  симптомите. Осипот е карактеристика на ова заболување и може да ги зафати сите делови од телото.  Овчите сипаници се најзаразни два дена пред и два дена по појава на меурчињата.