Македонија
29. August 2015 - 14:40

„Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева добитник на наградата „Браќа Миладиновци“

Книгата „Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата за 2015 година.

Претседателот на жири-комисијата, професорот Зоран Анчевски на денешната прес-конференција каде беше соопштен добитникот, посочи дека авторката недвосмислено покажува оти е поет во вистинска смисла на зборот. Во исто време, додаде, не претендира нејзината поезија да се одликува со длабока симболика или пак со изнасилен излив кој не дозволува нејзината поезија да биде само неконтролиран излив на емоции. 

- Во книгата Танчева – Златева остварува еден завидно зрел стилски баланс на поетскиот израз, што внимателно се држи до традиционалното пеење, но без зазор од иновацијата и експериментот во ритмиката и музиката на песната. Иако општиот впечаток е дека книгата зрачи со ненаметлив и тивок лиризам, тој е само привидно таков, бидејќи Танчева-Златева многу умешно и дозирано користи необични решенија со чија помош постигнува ненадејни, очудени пресврти и необични завршници на своите поетски творби, истакна Анчевски.

Токму затоа, додаде тој, поетскиот јазик на Танчева-Златева се искрева на едно завидно високо рамниште, што во моментов ја прави еден од најинтересните и најзрелите поетски гласови во современите текови на нашата поетска традиција.

- Во „Година без лето“ се поместени повеќе песни кои поттикнуваат неколкукратни читателски навраќања и промислувања за поетските слики, визии и промисли. Се надеваме дека таквата рецепција ќе ја доживеат не само кај македонскиот читател, туку и секаде каде што ќе се најде препевот што оваа поетска книга ќе го доживее, рече претседателот на жири-комисијата Анчевски.

Наградата „Браќа Миладиновци“, според директорот на Струшките вечери на поезијата“ Мите Стефоски, значи одлика на она што било продукција меѓу двете фестивалски изданија.

- Првпат годинава на конкурсот пристигнаа 50 книги, што го кажува интересот за поезијата во македонската книжевна средина, рече Стефоски.

На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ пристигнаа 50 поетски книги, а во потесен круг влегоа „Киноутро“ од Јовица Ивановски, „Слики“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска, „Се случува вечност“ од Радован Павловски, „Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева и „Премостување на мигот“ од Тодор Чаловски. сс/мд/14:35