Македонија
24. January 2021 - 17:03

Гласен текстилец: Продолжува потпишувањето на спогодбени откази

Повторно се враќа трендот на потпишување на спогодбени откази од страна на работниците вработени на неопределено работно време. Од „Гласен Текстилец“ велат дека тоа е на нивна штета и дека тие за ова предупредуваат уште од месец март минатата година.

-Постојано се прават притисоци во фирмите од страна на надредените лица врз вработените, со тоа што самите работници се приморани да потпишуваат спогодбен прекин на договорот за вработување, а при тоа самите работници се несвесни за штетата што оди на нивна страна. Потоа е многу тешко да се реагира, доколку нивниот потпис стои на листовите со име, презиме и датум- изјави ДИЈАНА РИСТОВСКА- ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ- ШТИП

На овој начин работодавачите немаат обврска да исплатат опремнина и не мора да го правдаат отказот дека е од деловни причини.

-Со потпишувањето на спогодбениот отказ, работниците не ги следува надомест од Агенцијата за вработување, а не ги следува ниту здравствено осигурување во периодот додека трае надоместокот- додаде Ристовска

Од „Гласен текстилец“ апелираат до работниците да не потпаѓаат под притисоците, да реагираат, да бараат совети, да им се обратат ним или да пријават во Државниот трудов инспекторат на телефонскиот број 15 131.