Бизнис
31. October 2019 - 18:06

„Гласен Текстилец“: Непромислени се барањата на Кластерот за текстил

Апсурдни и непромислени се изјавите и барањата на Кластерот за текстил за враќање на нормираниот учинок, за зголемувањето на работното време и за кратење на празниците, оцени денеска Кристина Ампева од граѓанското здружение „Гласен Текстилец“ од Штип.

– Ова е нешто што нема шанси да го вратиме назад, бидејќи до пред некоја година во текстилниот сектор имавме плата од 7.000 денари, а се уште имаме прекувремена работа, којашто е непријавена и не е платена. Работа за празник, којашто не е пријавена и не е платена, а сега тие бараат со закон да ја легализираат досегашната експлоатација, вели Ампева.

Таа смета дека работодавците од текстилната индустрија изминатите години добија и субвенции, финансии за зголемување на минималната плата,  користење на секакви фондови и во најава е закон за субвенционирање на придонесите.

– Овој пат сметам дека власта е до толку паметна за да не им излезе во пресрет. Тоа е апсурдно и не треба да го разговараме, рече Ампева.

Таа забележува дека кај работничките постои страв доколку се исполнат овие барања на Кластерот за текстил, од причина што досега законите што се носеа се во корист на профитот. Но, нејзин став е дека работничките нема потреба да се плашат, бидејќи станува за апсурдни барања.