Свет
28. October 2016 - 8:40

ОН гласаше за почнување преговори за забрана на нуклеарното оружје

Земјите членки на ОН гласаа вчера за поддршка на иницијативата за свикување конференција во 2017 година за започнување преговори за договор за забрана на сето нуклеарно оружје, пренесе ДПА.

Резолуцијата беше усвоена со 123 гласа „за", 38 „против" и 16 „воздржани" во комисија на Генералното собрание на ОН, и покрај силното лобирање против неа од т.н. нуклеарни држави, особено САД, Велика Британија и Франција.

Поради притисокот на САД, 27 од 28 земји членки на НАТО гласаа против резолуцијата, а Холандија се воздржа.

Резолуцијата предвидува свикување на две конференции во март и во јуни следната година „за преговори за правно обврзувачки инструмент за забрана на нуклеарното оружје што ќе води кон целосно отстранување".

Документот беше поднесен од Австрија, Бразил, Ирска, Мексико, Нигерија и Јужна Африка.

Резолуцијата треба да биде одобрена со гласање во Генералното собрание, каде што се очекува тоа и да се случи, посочува ДПА.