Македонија
16. July 2020 - 16:49

Гласање по здравствени протоколи, славје по традиција - доаѓа ли кластер избори?

Партиите по завршување на изборниот процес заборавија на корона вирусот. Без носење на заштитни маски и неодржување на физичка дистанца. Вака членови и симпатизери синоќа ја прославуваа победата и тоа во денот кога во земјата беа регистрирани рекордни 198 новозаразени со Ковид 19 и четворица починати.

Првиот човек во здравството кој исто така се најде на славеничката бина кај коалицијата Можеме, денеска преку статус на фејсбук објави дека изборниот процес поминал како што доликува со целосно почитување на здравствените протоколи.

-Тоа е начинот на којшто ќе продолжиме да живееме безбедно - со носење маска, дезинфекција, почитување дистанца и почитување на протоколите, напиша Филипче, кој, пак, и самиот синоќа беше сведок дека тие правила не важеа за партиските прослави. Иако министерот изминатиот период постојано предупредуваше да нема собири, засега останавме без негов став дали ни се заканува кластер избори.

Микробиологот Пановски во синоќешното гостување во отворената програма на Сител предупреди дека во интерес за заштита на здравјето е добро ноќта да помине како и изборниот ден.

-Да се воздржат, на такви прослави има алкохол се заборава и нема да Се почитуваат мерките, посебно младите, вели Никола Пановски, микробиолог.

Гушкањата, еуфоријата и забавите од синоќа ќе покажат дали по кластерите свадба, мекици, матурска ќе има и кластер избори.