Македонија
29. November 2019 - 13:06

Ѓуровски: Мораме да се посветиме да бидеме подготвени за превенирање и справување со насилниот екстремизам

Мораме да се посветиме на тоа да бидеме подготвени и отпорни на локално, национално и меѓународно ниво, во нашите колективни заложби и одговорности за превенирање и справување со насилниот екстремизам. Ова ќе се постигне единствено преку рано предупредување, со образование и контра-пораки клучни за да се спречи ескалацијата на насилниот екстремизам, нагласи, Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитетот Св.Климент Охридски и професор на Факултетот за безбедност – Скопје на денешната завршна конференција за проектот „Здружени локално против насилниот екстремизам“, спроведен од страна на Националниот совет за родова рамноправност.

Тој истакна дека земјата ја препознава и целосно ја прифаќа потребата од различно множество пристапи за да се разбере концептот на насилен екстремизам, кој може да води кон тероризам.

– Мораме да ја препознаеме и прифатиме важноста на постојаниот дијалог меѓу сите припадници на верски, етнички и културни групи, земајќи го предвид нашето разбирање за директната корелација меѓу отсуството на дијалог и порастот на гневот кај младите. Потребата од поголема обука за верските водачи мора, да стане државен и национален приоритет, имајќи ја предвид нивната улога во општеството и промовирањето на здравите верски практики, потенцираше Ѓуровски.

Проректорот рече дека без јасно воспоставени индикатори, речиси е невозможна задача да се изготви пристап против радикализацијата и политичкото насилство.

– Северна Македонија не може да се потпира само на органите на прогонот, заради што оваа стратегија се базира на холистички пристап со поголем ангажман на претставници на граѓанското општество, со превентивни мерки да се соочат со прашањето на насилен екстремизам, наместо реакција на неговите последици. Превенцијата не е инстант-решение, туку процес што трае долго, посочи Ѓуровски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на собирот посочи дека досега на воените жаришта од нашата земја заминале да се борат околу 150 лица, што како што нагласи, не е мал број земајќи ја предвид големината на државата.

– Северна Македонија како земја има многу важна геостратегиска позиција, таа ни нуди многу предности и тие предности ги знаеме сите ние, меѓутоа паралелно со тие предности којшто ги има државата, не само нашата држава туку сите држави од регионот, паралелно со тоа доаѓаат и овие ризици којшто ги имаме по безбедноста и пред се насилниот екстремизам и преминувањето во радикализам. И факт е дека треба да разбереме сите ние дека не се врзува насилниот екстремизам со одредена нација, припадност на одредена верска заедница, туку се врзува за личост кои се недоволно запознаени со сите проблеми коишто можат да настанат преку практикувањето на тие форми и до што може да доведе како последица во општеството, нагласи Спасовски.

Министерот ја истакна потребата од рана детекција и превенција од влијанијата што можат да доведат до појава на насилен екстремизам, а не ретко и до тероризам.

– Нетолерантноста и неразбирањето лесно се трансферираат во екстремизам и радикализам, каде што насилството станува крајно опасен и сериозен инструмент, кој не ретко води до најтешките облици, вклучително и тероризмот. Оттука прашењето за негова превенција станува императив на институционално, вонинституционално и на локално ниво, рече Спасовски.

Даниела Антоновска, проектен координатор од НСРР, посочи дека проектот „Здружени локално против насилниот екстремизам“ се спроведувал во четири мултиетнички општини – Долнени, Куманово, Гостивар и Теарце, од август досега.

– Идејата за овој проект дојде пред се поради тоа што Македонија како една мултиетничка земја, како земја низ која што поминуваше мигрантската рута, многу лесно може да биде погодена од овој брзорастечки феномен на радикализација и на насилен екстремизам. Акцентот ни беше ставен на превенција и едукација на младите лица, на учениците од повисоките класови во училиштата од овие четири општини и учениците од средните училишта со цел да ги препознаат самите потенцијални разици и закани, меѓутоа и да можат да детектираат и да се запознаат со тоа што значи радикализацијата односно да препознаат што е радикализација што е насилен екстремизам, наведе Антоновска.