Балкан
22. March 2019 - 18:24

Ѓукановиќ: Протестите во Србија, Црна Гора и Албанија имаат заедничка нишка

Протестите во Србија, Црна Гора и Албанија имаат заедничка нишка во желбата за промена на власта, што не е во согласност со Уставот и законите, изјави црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во интервју за Дојче Веле.

– Сите протести во регионот – како во Србија и Албанија, така и во Црна Гора – имаат некаква заедничка нишка. Таа нишка е очигледната нервоза и желбата за промена на власта на начин што не е предвиден со Уставот и законите. Уставот и законите пропишуваат дека Владата мора да биде избрана на избори и да биде израз на слободната волја на граѓаните, нагласи Ѓукановиќ.

Запрашан што мисли за тврдењата на властите во Србија дека во земјата се подготвува некакво „македонско сценарио“ и за обвинувањата на Белград дека Скопје ја поддржува српската опозиција и се меша во случувањата, Ѓукановиќ одговара дека не може да даде проценка за ваквите наводи.

– Не ја избегнувам оваа тема, но не сум целосно сигурен за некакви други интереси во организирањето на протестите во Белград, додаде Ѓукановиќ.