Балкан
12. July 2020 - 14:06

Ѓукановиќ: Односите со Белград не се добри

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ оцени дека односите меѓу Црна Гора и Србија „не се добри“ и изрази надеж дека Белград „има здрав разум и подготвеност“ да работи на подобрување на тие односи што е од заеднички интерес.

Во интервју за денешното издание на црногорскиот весник „Побједа“, Ѓукановиќ рече дека Црна Гора „со ништо не придонесува“ за ваквите односи со официјален Белград, кој „од времето на Милошевиќ не се мешал повеќе во внатрешните работи на Црна Гора отколку денес“.

– Црна Гора со ништо не придонесува за тоа. Освен што инсистира на одбрана на своите национални и државни интереси. Уште од времето на Милошевиќ, официјален Белград не бил повеќе вмешан во внатрешните работи на Црна Гора отколку што е денес… Клучни српски министри речиси секој ден, а честопати и со непримерен јазик, ги коментираат процесите во нашата земја, со намера директно да влијаат врз нив, да докажат најверојатно колку е силна Србија. Тоа всушност сведочи за нешто друго .Сакам да верувам дека и во Белград има здрав разум, и посветеност да работиме на подобрување на односите што е од взаемен интерес, рече тој.

Говорејќи за литиите што ги организираа епархиите на Српската православна црква (СПЦ), против Законот за слобода на вероисповед, Ѓукановиќ оцени дека целта им е да ја сменат власта во Црна Гора, а не законот.

– Можеби е најточно да се каже дека на почетокот литите биле форма на притисок врз власта поради Законот за слобода на вероисповед. Но, сè што му претходеше, а во што се претворија подоцна, сведочи дека тоа е форма на политичка борба со намера да се смени власта во Црна Гора, а не законот, рече тој.