Балкан
22. February 2020 - 13:21

Ѓукановиќ: Обид за отцепување на Република Српска води кон војна

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, гостувајќи на сараевската телевизија „Фејс“, изјави дека обид за отцепување на Република Српска од БиХ би водел кон војна.

Тој ја повика меѓународната заедница да реагира и да ги спречи иницијативите на српските лидери Милорад Додик и Александар Вучиќ.

Ѓукановиќ, коментирајќи го развојот на ситуацијата по спротивставувањето на одлуката на Уставниот суд на БиХ, истакна дека српската страна во БиХ настојува преку кризи да покаже дека БиХ е нефункционална држава.

– Се обидуваат да ја држат таа нефункционалност во државата, за да може потоа да се каже: ете, гледате, тоа вака не оди, ја доведовме држата во нефункционалност, сега дојде време за референдум! Република Српска е ентитет во државата БиХ. Секое согласување со поделба на БиХ не враќа во војна, нагласи црногорскиот претседател.

Ѓукановиќ притоа додаде дека меѓународната заедница е одговорна за БиХ и мора да спречи натамошна ескалација, обвинувајќи ги српскиот претседател Александар Вучиќ и членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик.

– Ова е прашање во кое се вклучени Европа и САД, не само Додик и Вучиќ. Меѓународната заедница има елементи во свои раце и е одговорна за БиХ. Ако не реагира, ситуацијата ќе ескалира. Не смеат да задоцнат. Додик го прави она што мисли дека треба да биде. Сметам дека тој сам го „турка“ ова, повеќе отколку Вучиќ, оцени шефот на црногорската држава.