Македонија
13. July 2018 - 16:39

Ѓубрето ги собра сите на клинички

Ѓубрето ги собра сите во Клинички. По вчерашната најава утринава дојдоа да чистат и актери кои се организираа преку социјалните мрежи. На Тања Мицков не и пречеше да го собира сметот, а ракавици обезбедила и за нејзиното синче.

- Па го донесов за да види, односно, да му пренесам пример како треба да се однесува, вели Тања Мицков, актерка.

Актерите сепак не усепаа да ги наполнат ќесите бидејќи два часа порано ги претекнаа од градските комунални служби

-Ние ќе направиме ревизија на тоа што го направила ’Комунална хигиена’ овде и ако завршиме бргу, ќе се префрлиме на некое друго место. Нам не ни е целта да се натпреваруваме со претпријатие, целта ни е како уметници, бидејќи имаме должност да бидеме општествено одговорни, да ја поттикнеме совеста на граѓаните за да имаат поголема еколошка свест“, изјави Сања Арсовска, актерка.

Повеќе јавни скопски претрпијатија утрово го собираа ѓубрето и шутот. Со недели наназад граѓани, пациенти и медицински персонал реагираа на грдата слика во најголемата здравствена установа во земјата. Но и покрај тоа, надлежните се уште не нашле конечно решение.

Имавме еден координативен состанок со заменик-министерот за здравство и сите ќе се залагаме да најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот со одржувањето на хигиената во дворот на Клинички центар. Со помош и на другите јавни градски претпријатија, во координација и со градоначалникот на Град Скопје ќе најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот, изјави Абдусамед Шабани, директор на Комунална хигиена.

Тие секогаш изразуваат доба волја да ни помогнат и покрај тешкотиите што ги имаат, но, како што рече и директорот на ова претпријатие на праг сме на решавање на актуелниот проблем, изјави Асим Муса, заменик министер за здравство.

И додека институциите преговараат кој да се грижи за хигиената на Клинички, граѓаните велат дека со ваква грда слика не може да бидеме европска земја.

-Знаете како, треба да се чисти секој ден а не еднаш неделно. Ова ѓубре и нехигиена е огледало на државата, реагираат граѓани.

Денеска во кругот на Клинички требаше да дојде и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, но ја откажа изјавата. Преку сооштение побара од граѓаните да бидат трпеливи во овој преоден период кога ги решаваат правните аспекти, а кога градот Скопје ќе ја преземе одговорноста за хигиената во Клинички, ќе биде решен проблемот со отпадот.