Македонија
1. December 2017 - 9:27

Ѓорѓевски: Одлуката на БПЦ остава простор за различни интерпретации

Неизвесно и неблагодарно е да се дадат какви било проценки пред да се видат кои се следните чекори кои ќе ги преземе Бугарската православна црква. Очигледно е дека е избрана поинаква, подолга и за нас сè уште непозната патека, вели во интервју за МИА проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“-Скопје, во врска со одлуката на БПЦ да ја застапува МПЦ-ОА пред дугите помесни православни цркви за утврдување на нејзиниот канонски статус.

- Сè ќе беше поинаку доколку БПЦ покажеше одважност и го беше прифатила барем предлогот за воспоставување евхаристиско единство меѓу двете цркви. Тоа ќе ги охрабреше и останатите пријателски православни цркви на истиот чекор и дури тогаш ќе можеше да се говори за сериозен напредок во процесот на решавање на македонското црковно прашање, наведува Ѓорѓевски

Македонската православна црква - Охридска архиепископија, како што посочува, очекуваше поинаков одговор на своето писмо, согласно двете главни барања кои недостасуваа во одлуката на САС на БПЦ: Бугарската  православна црква-Бугарска патријаршија да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да се воспостави евхаристиско единство меѓу двете цркви. Вака срочената одлука, пак, остава простор за различни интерпретации, па затоа било какви предвидувања во моментов се повеќе од провизорни, нагласува Ѓорѓевски.

Тој смета дека проблемот со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА има силна политичка позадина и затоа е потребно да се создаде соодветна политичка клима за негово позитивно и правилно разрешување.

За реакциите во јавноста од темата за БПЦ како „мајка-црква“, Ѓорѓевски појаснува дека од страна на САС на МПЦ-ОА беше предложено МПЦ да ја препознае БПЦ како „мајка црква“, кога и ако ја прифати и прва ја признае нејзината автокефалност.

- Тоа ќе беше потврда за сторената храброст, одважност и решителност во прифаќањето на реалноста и статусот на Македонската православна црква. Наместо тоа, засега имаме само декларативно прифаќање на „мајчинството“, вели деканот на Богословскиот факултет во Скопје. 

Називот „мајка-црква“, истакнува Ѓорѓевски, значи дека, кога една локална црква ќе препознае дека еден дел е способен да постои како самостојна црква, таа треба да даде согласност и со тоа да го овозможи непречено нејзиното делување.

- Во текот на сите овие изминати години МПЦ-ОА постојано се обраќа кон Српската православна црква како кон „мајка-црква“ (затоа со неа и се водат официјалните разговори околу нашето црковно прашање), па се нема забележано некоја посебна реакција, а камоли ваков интензивен емотивен набој и нетрпение во јавноста, додава Ѓорѓевски во интервјуто што МИА денеска ќе го објави во целост.