Ѓорѓевски: Неопходно е интензивно развивање на еколошката свест и совест
Се позагадената природа значително придонесува за нарушениот економски баланс, а човекот со своето однесување се посочува како главен виновник, но воедно и како клучен актер во разрешувањето на постоечките проблеми што најнапред подразбира интензивно развивање на еколошката свест и совест, истакна деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Ѓоко Ѓорѓевски во обраќањето на Вториот Светиклиментов научен собир на тема „Вера и општество“, што се одржува денеска на Факултетот.
Токму затоа, посочи, во тоа делување во насока на запазување на животната средина поеднакво се повикани сите општествени чинители, вклучително и црквата и другите верски заедници. Потенцира дека црковниот став по ова прашање се заснова врз Светото писмо кое е ризница на различни искуства и поуки што може да влијаат и да го насочат однесувањето на човекот кон природата и нејзините ресурси.
– А во Библијата за односот на човекот кон природата се говори многу. Не може да се почитува Бог, а да се уништува Божјото создание. Користољубието, заради задоволување на материјалните потреби доведува до духовно осиромашување на човекот и уништување на животната средина. Не треба да се заборави дека ова природно богатство на Земјата не е власништво на човекот, туку на Творецот. Должни сме да потсетиме дека немаат само денешните генерации право на природните добра кои нам ни ги подарил Творецот, туку и идните, додаде Ѓорѓевски во обраќањето на тема „Грижата за животната средина низ призмата на Библијата и на Црквата“.
Проф.д-р Ратомир Гроздановски во обраќањето на тема „Богатите и сиромасите – библиски поглед“ рече дека социјалната положба на луѓето не е доказ за тоа каква му е душата на човекот. Посочи дека библиското гледиште е многу повозвишено и подостоинствено кога вели дека сиромашните можат да бидат и многу побогати од богатите во духовна смисла.
– Доброто и злото се често внатрешни духовни состојби кои создаваат рај и пекол за човекот. Сета сопственост е Божја, ние само се мамиме. Нам ни е дадено само навремено управување со нешто од материјалното богатство. Бог мери според тоа колку му останало на оној кој дал, додаде проф.д-р Гроздановски.
Вториот Светиклиментов научен собир се одржа по повод 1000-годишнината од Охридската Архиепископија и 60-годишнината од Македонската православна црква.
Ново на Сител
-
24-годишна девојка нападната од нејзиниот невенчан сопруг
-
Силувана малолетничка во Шуто Оризари
-
Во Крива Паланка излезноста до 13 часот е 42,08 отсто
-
Излезноста до 13:00 часот во Делчево и М.Каменица се движи од 24 до 29 отсто
-
Во Велес и велешко до 13 часот излезноста е 29,56, во Градско 33,51 процент
-
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
-
До 13 часот во Куманово одѕивот 23 проценти, во Липково 16, во Старо Нагоричане 22
-
Излезноста во Струга до 13 часот 16 отсто, во Вевчани 33 проценти