Македонија
9. December 2018 - 16:26

Ѓоргиев: За Втората Светска војна ќе има сериозни дискусии – тоа беше окупација и не може поинаку да се толкува

Деветнаесетиот век и втората светска војна се периодите кои може да предизвикаат разидување на ставовите  на двете страни од мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија. Претседателот од македонска страна Драги Ѓоргиев вели за кратко време е завршен голем дел од работата.  За шест месеци многу  од ставовите веќе биле усогласени, но не ја исклучува можноста да се појават и разлики , посебно кога на дневен ред ќе дојдат почувствителните теми.

,, Како ќе напредува процесот на преговори кога ќе доаѓаме до тие почувствителни теми како што е на пример 19-от век, Илинденското востание, втора светска војна ќе се појават такви дилеми, меѓутоа тие комисии се создадени за тоа за да можат да надминат одредени такви проблеми, меѓутоа јас неколку пати повторив станува збор само за учебниците. Ние не навлегуваме во официјалната академска историографија, тоа не е работа на комисијата.,, вели Драги  Ѓоргиев - шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. 

Ѓоргиев очекува терминот окупација за време на втората светска војна да биде една од темите која ќе предизвика поголема дискусија во комисијата. Но и покрај различните ставови вели простор за договор има.

,, Формално правно тоа е окупација и поинаку не може да се толкува тој термин. И во таа смисла ќе има дискусии сериозни кога ќе дојде темата втора светска војна во учебниците, меѓутоа формално правно, од формално правен аспект не може поинаку да се толкува тоа, тоа е окупација на одредена територија, на одредена држава.,, вели ЃОРГИЕВ

Претходно комисијата постигна согласност за заедничко чествување на Кирил и Методиј и Григор Прличев, но остана отворено прашањето за Цар Самуил.

,, Ние генерално се согласивме дека Цар Самуил бидејќи постои како мит, како личност присутна и во македонската меморија и во бугарската меморија дека треба да се чествува и тоа  не е  спорно, меѓутоа постои проблем околу начинот како да се формулира неговата држава.,, додава Ѓоргиев

Резултатите од досегашните три средби на комисијата ќе бидат презентирани на претстојната заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија на која извештаи ќе поднесат претседателите од двете страни и ќе предложат усвојување на   досега договорените формулации . Работата на комисијата не е врзана со рокови, но како таа во иднина ќе функционира заеднички ќе одлучат македонската и бугарската влада.