Македонија
9. December 2018 - 14:33

Ѓоргиев: Кога ќе дојдеме до почуствителните теми може да има проблеми

Како ќе напредува процесот на преговори и кога ќе доаѓаме до тие почуствителни теми како што се на пример 19 век, Илинденското востание, Втора светска војна ќе се појават можни проблеми, вели Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја и шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Додава дека вакви комисии се создадени за да можат да се надминат такви проблеми, но потенцира дека станува збор само за учебниците, бидејќи комисијата не навлегува во официјалната академска историографија.

- Тоа не е работа на комисијата. Работа на комисијата е да ги усогласат некои ставови во учебниците по историја на учениците и на следните млади генерации да им се понуди една поинаква перцепција на историјата, а не да создаваме непријатели во Бугарија или Македонија за одредени историски настани и личности, смета Ѓоргиев.

Запрашан за Втората светска војна и во кое својство Бугарите биле на овие простори и каков е ставот на македонската страна, Ѓоргиев одговори и порано дадовме некои изјави за тоа, дури и во Бугарија околу тоа имаше изјави дека формално-правно тоа е окупација и поинаку не може да се толкува тој термин.

- Во таа смисла ќе има сериозни дискусии кога ќе дојде темата Втора светска војна во учебниците. Меѓутоа, од формално-правен аспект тоа не може поинаку да се толкува. Тоа е окупација на одредена територија, на одредена држава и тука и покрај тоа има простор да се дискутира, некои работи да се надминат, поинаку да се перцепира сето тоа, меѓутоа тоа што е прифатено и во меѓународната терминологија, изданија, публикации тогаш ќе мораме да се придржуваме на тоа, подвлече Ѓоргиев.

Информира дека сите сугестии за подобрување на учебниците по историја ќе бидат доставени до владите на Македонија и Бугарија и од нив, како што рече, зависи кога, како и на кој начин ќе го внесат во наставните програми по предметот историја.

- Комисијата е задолжена да даде сугестии до Владата за подобрување на  учебниците, а понатаму процесот навлегува во инстутициите на системот, посочи Ѓоргиев.

Нагласи дека по одржаната трета средба на 30 минатиот месец во Бугарија, комисијата, односно двајцата копретседатели на комисијата ќе поднесат извештај за трите досегашни средби на претстојната заедничка седница на владите на Република Македонија и Република Бугарија, што треба да се одржи во Бугарија.