Македонија
19. May 2018 - 12:04

Ѓорчев во Стејт департментот се сретна со Вес Мичел и Метју Палмер

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев за време на посетата во Вашингтон оствари средба со Вес Мичел, асистент секретар за Европски и Евро-Азиски прашања, со Метју Палмер, заменик асистент секретар во Стејт департментот, како и Елејн Хансел, офицер на бирото за Македонија во Стејт департментот.

На средбата главна тема беа поголем број на актуелни случувања во Република Македонија. Стана збор за тековните преговори поврзани со НАТО интеграцијата на Македонија, како долгогодишна и стратешка цел на државата.

Двајцата соговорници го нагласија стратешкото сојузништво и пријателски односи помеѓу Македонија и САД, со желба и надеж таквите односи да се прошируваат и продлабочуваат.

Ѓорчев ги запозна високите претставници на Стејт департментот со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за приклучување на Македонија на иницијативата „Три мориња“, која е силно поддржана и промовирана од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Ѓорчев го информираше Мичел во врска со актуелниот и масовен политички прогон, состојбите медиумите, влошените економски индикатори и загрижувачките тенденции во судството, како и назадувањето на државата во поголем број на области.

Двајцата соговорници ја нагласија потребата од понатамошни контакти, заедно со одржување и засилување на одличните македонско - американски односи.

Вес Мичел е новиот асистент државен секретар за Европа и Евро-азија во новата администрација, а доаѓа на местото на неговата претходничка Викторија Нуланд. Метју Палмер ја врши функцијата која своевремено ја вршеше дипломатот Брајан Хојт Ји.