Македонија
12. December 2016 - 23:58

Ѓорчев: ВМРО-ДПМНЕ победник на изборите, мандатар Никола Груевски

Државната изборна комисија (ДИК), дури и претседателот Александар Чичаковски потврди дека ВМРО-ДПМНЕ и нашата Коалиција за подобра Македонија е победник на вчерашните предвремени парламентарните избори. Ова го истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната прес-конференција. 

Тој изрази благодарност до граѓаните на Република Македонија, до сите оние што гласале, без разлика дали ги поддржале или не. 

- Победи демократијата. Победија граѓаните на Република Македонија, а мандатарот е Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ е партијата со најголем број мандати. ВМРО-ДПМНЕ го има мандатарот и покажа пред граѓаните дека оваа држава самостојно одлучува, граѓаните се врховен арбитер и граѓаните одлучија кому ќе ја дадат довербата, рече Ѓорчев на партиската конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев да честита затоа што, како што рече, победија граѓаните на Република Македонија. - Разликата е околу 20.000 гласови. Тоа е значителна разлика. Од седум изборни единици, имаме јасна победа во шест, рече Ѓорчев.

Тој не очекува дека Зоран Заев ќе поднесе оставка. Потсети дека Заев изјавил пред два милиона граѓани, ако има еден глас помалку, оти ќе преземе политичка одговорност и ќе замине од раководното место на СДСМ. 

- Одлуката е негова. Одлуката е на членството на СДСМ. Она што го кажаа само пред неколку дена, самите нека оценат дали ќе го почитуваат или не, потенцира Ѓорчев. 

Според него, СДСМ и Заев треба да имаат европски манири, да честитаат и да ги верификуваат изборите. Потсети дека изборите досега ги верификуваа меѓународната заедница, ЕУ, САД и ОБСЕ. 

- Се констатираше дека имавме фер, демократски, отворени, инклузивни избори. Атмосферата беше демократска и одлучија граѓаните. Ова е победа за Македонија. Не треба да има поразени и победени. Да се обединиме, да заврши кризата и да си честитаме сите затоа што победија граѓаните и нивната слободна, демократска волја, нагласи Ѓорчев. Повика да се прослави достоинствено, а потоа сите во Македонија да бидат вклучени во демократскиот процес и да се почитуваат институциите и резултатите.