Бизнис
4. April 2019 - 22:01

Ѓорчев: Германските инвеститори дадоа нула оценка и потврдија дека Владата не создава економски услови

Кога германските инвеститори од водечката европска економија, ни кажуваат дека оваа влада создала нула економски услови и даваат оценка нула имаме голем проблем. Поради тоа имаме ситуација каде никој нема намера да инвестира во Македонија, изјави во емисијата Отворено на Алфа Телевизија пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев

– Ние веќе не дискутираме дали во Македонија ќе се отвори нова фабрика, дали ќе влезе некој инвеститор, ние разговараме дали некој ја тргнал вратата или не знам ограда околу Владата, со кого премиерот направил селфи, дали семејството на премиерот некаде засадило марихуана. Тоа стана број еден стопанска дејност во државата, вели Ѓорчев. Тој потенцираше дека од земја која беше во топ земји со економски раст и земја која речиси секој месец се отвораше фабрика, сега сме земја со најнизок економски раст и земја која инвеститорите ја избегнуваат.

– Светска банка оценува согласно нивните анализи дека од сите земји во регионот Македонија ќе има најмал економски раст. Од Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и херцеговина, Македонија ќе има најмал економски раст. Не така одамна пред 3, 4, 5, 6 години Македонија беше во топ 5 земји во Европа според економскиот раст, земја во која што секој месец се отвораше нова фабрика. Имаме министри за странски инвестиции на кои што имињата не им ги знаеме, кои што некои од нив не знаат англиски јазик, истакна Ѓорчев.