Loading Video...
Тенис
6. January 2022 - 16:33

Ѓоковиќ останува во карантин, протести пред хотелот во Мелбурн

Продолжува драмата со најдобриот тенисер во светот и Австралија Опен. Голем број поддржувачи на Ѓоковиќ се собраа пред хотелот „Парк“ во Мелбурн за да му дадат поддршка, но избија инциденти со полицијата.

Две лица се качиле над лезот на хотелот за да постават транспарент, но полициски службеници ги уапсија.

Семејството Ѓоковиќ на прес-конференција случајот го прогласи за најголем спортско-дипломатски скандал во историјата.

Семејството се пожали и на лошите услови во хотелот кој е наменет за мигранти. Одземени му се сите приватни работи, освен мобилиот телефон.

Српскиот претседател Александар Вучиќ веќе стапил во контакт со Ѓоковиќ и вели дека српските служби работат за да му помогнат.

-Само што го завршив телефонскиот разговор со Новак Ѓоковиќ. Му кажав на нашиот Новак дека цела Србија е со него, и дека нашите власти ги преземаат сите мерки да престанат да го малтретираат најдобриот тенисер во светот во најкус можен рок. Во согласност со сите норми на меѓународното јавно право „Србија ќе се бори за Новак Ѓоковиќ, за правда и вистина, истакна Вучиќ преку социјалните мрежи.

Ѓоковиќ ќе остане во карантин до понеделник, а дури тогаш ќе се знае дали ќе заигра на Австралија Опен. Неговите адвокати поднесоа жалба до Федералниот суд за да се спречи федералната Влада да го депортира пред почетокот на турнирот. Вчера по повеќечасовна драма на аеродромот во Мелбурн не му беше дозволен влез во Австралија бидејќи не е вакциниран. Тој има медицинска белешка според која не треба да прими вакцина против Ковид-19. Доколку не учествува на турнирот ќе загуби 2.000 бодови и ќе го загуби првото место на АТП листата и ќе падне на третата позиција.