Тенис
25. May 2017 - 17:29

Ѓоковиќ и Агаси го одработеа првиот заеднички тренинг

Вториот светски рекет Новак Ѓоковиќ денеска и официјално почна да работи со својот нов тренер Андре Агаси.
 
Првиот заеднички тренинг Ѓоковиќ и Агаси го имаа денеска на терените во „Роланд Гарос“ во Париз, каде во недела и официјално ќе стартува вториот овосезонски Гренд-слем турнир Отвореното првенство на Франција. 
 
Фотографии на двајцата поранешни најдобри тенисери во светот, сега во улога на играч и на тренер, ги преплавија социјалните мрежи и се топ тема денеска од тенисот. 
 
Новак Ѓоковиќ по ланскиот триумф на „Ролан Гарос“ се соочи со голем пад и криза во кариерата во која по серијата слаби резултати, ја загуби водечката позиција на АТП листата. 
 
Србинот неодамна ја прекина соработката со тренерот Марјан Вајда и со целиот тренерски тим со кој работеше долго време и тргнува во нов почеток под водство на Андре Агаси, со кој ќе се обиде да го одбрани трофејот во Париз.