Балкан
10. July 2019 - 21:18

Ѓилас: Министерот Стефановиќ да поднесе оставка поради фалсификувана диплома

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и втор човек по српскиот претседател Александар Вучиќ во владејачката Српска напредна партија (СНС) најверојатно нема завршено факултет, а уште помалку докторат, поради што треба да си поднесе оставка, побара денеска опозицискиот Сојуз за Србија (СзС).

СзС денеска одржа прес-конференцијата пред зградата на Радио телевизија Србија, каде на пријавница приложија нови докази во прилог на тврдењето дека Стефановиќ нема дипломирано, а доказите се доставени во РТС поради тоа што оваа медиумска куќа нема пренесено информации за „една од најкрупните афери во Србија, во последните години“.

Претседателот на Партијата за слобода и правда и еден од лидерите на СзС, Драган Ѓилас, побара Стефановиќ да си поднесе оставка. Ѓилас наведе дека Факултетот „Мегатренд“ во Лондон постои од 1990 година, а во Србија оваа компанија постои од 1991 година (каде дипломирал Стефановиќ) и дека не е даночен обврзник на Србија, па поради тоа ќе поднесе извештај до британските власти за да се провери дали плаќала даноци во Велика Британија, каде што е регистрирана.

Тој запраша како функционирала таа компанија, како се плаќани професорите, како и каде студентите им уплаќале школарини.

– Пред се, здравиот разум бара од нас да се запрашаме дали некој слушнал оти некој Факултет се вика „International expert consortium limited“. Дали Вие или Вашето дете би го запишале на нешто такво со такво име, посочи Ѓилас и додаде дека оваа компанија никогаш не била регистрирана за образовни активности во Обединетото Кралство.

Тој додаде дека поради тоа компанијата не можела да држи било какви предавања во Белград врз основа на наставна програма која ја нема и која британските и српските власти не ја одобриле.

Ѓилас, исто така, се осврна и на текстот на претседателот на СНС, Александар Вучиќ во „Политика“, во кој тој тврди дека „лидерите на опозицијата го презираат својот народ“.

– Александра Вучиќ, ние никого не презираме, дури ни тебе, наведеЃилас, додавајќи дека СзС не ги дели луѓето според тоа колку се образовани.

Станува збор за фактот дека едно лице на висока функција ја фалсификуваше својата диплома, кажа Ѓилас, додавајќи дека должноста на Стефановиќ е да поднесе оставка, а ако не тој, тогаш ќе мора премиерката Ана Брнабиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ.