Македонија
10. јуни 2021 - 13:36

Гир: Нема место за дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро

Европската Унија силно ги поддржува активностите за отстранување на дивоградбите во Охридскиот регион. Амбасадорот на ЕУ во земјата Дејвид Гир на својот твитер-профил напиша дека нема место за дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро и треба да се отстранат.

-Уникатното природно и културно богатство што го поседува регионот – признаено од УНЕСКО – мора да биде заштитено. Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние исто така инвестираме во работни места и унапредувањето на услужните дејности сега и во иднина, стои исто така во пораката на Гир.

Градоначалникот на Охрид јавно се заблагодари на поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

-Особено сум горд што нашите стратешки партнери од ЕУ ги препознаваат нашите заложби за почитување на законите и владеење на правото, со што ставаме крај на децениската деградација на крајбрежјето“, напиша Георгиески како одговор на пораката на евроамбасадорот Гир.