Македонија
30. September 2020 - 12:53

Гир без прецизен датум – Османи очекува меѓувладина конференција во декември

Се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи колку што е можно поскоро. Новиот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир во интервју за МИА не сака да лицитира со датуми. Вели дека сега е потребно земјите членки на Европската Унија да ги договорат финалните услови за преговори што ќе значи и официјален старт на преговарачкиот процес за Македонија.

„Во моментов, земјите-членки дебатираат на тема преговарачката рамка. Ова е внатрешен процес на Унијата во рамките на кој земјите-членки ги претставуваат нивните ставови во врска со документот и треба да ја договорат финалната верзија. Таа треба да биде усвоена на првата меѓувладина конференција. Се надевам дека имате разбирање дека не можам да дадам коментар за внатрешните дискусии на земјите-членки. Се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи што е можно поскоро“ – вели Гир за МИА.

Гир не сака да го коментира бугарскиот меморандум со кој источниот сосед се заканува дека ќе ја блокира македонската интеграција. Истакна дека земјава направила значаен напредок во областа на владеењето на правото но како што рече на овој план се потребни уште поголеми напори.

„Тоа што се става акцент на ова прашање во сите аспекти на реформите и во секојдневниот живот, значи дека ова прашање ќе остане да опстојува во текот на целиот процес на преговори, било да зборуваме за јакнење на независноста на правосудството, борба против организираниот криминал или гонење на фукционери за злоупотреба на положбата или корупција. Ние гледаме движење во правилна насока на сите овие фронтови, и на мојата прва средба со премиерот Заев и членови на Владата, јас порачав дека земјата треба да го зголеми темпото во реформите во областа на владеење на правото, и така да продолжи до самиот крај на преговорите.“ – вели Гир.

За разлика од него, шефот на дипломатијата, Бујар Османи во интервју за Агенција Европа вели дека првата меѓувладина конференција ја очекува во Декември.

„Првата меѓувладина конференција е од врвно значење, таа подразбира операционализација на политичкиот консензус постигнат во март помеѓу 27-те земји членки за старт на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Таа би требало да се одржи во декември. Значи дека можеме да почнеме да ги подготвување условите за отворање на првиот кластер на поглавја, вели Османи.

Тој додава дека Македонија останува посветена на преговорите на експертските групи со Бугарија но дека за македонската страна прашањата поврзани со идентитетот се неприфатливи.

„Тие произлегуваат од современото право на самоопределување и себеизразување. Ние мораме во нашите односи да ги апсорбираме разликите и да најдеме начин да одиме напред, мораме да мислиме на иднината, а не на минатото и да им ја оставиме на научниците грижата за унапредување во добра волја и доверба на договор поврзан за заедничка историја, надвор од политичките обврски, објаснува Османи за европската медиумска агенција“ – вели Османи.