Македонија
8. March 2019 - 17:06

Гинеколозите од болниците ќе бидат и матични гинеколози

Болнички гинеколози ќе бидат и матични, за околу 16 000 жени од Македонски Брод, Демир Хисар, Крушево и Пробиштип имаат пристап до гинеколошки услуги. Овие специјалисти ќе добијат дополнителни печати од Фондот за да можат да ја следат трудницата од почетокот на бременоста до породувањето. Ваквата мерка е дел од акцискиот план на Министерството за здравство за намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките. 

- Тој гинеколог што ја породува жената и да ја следи целата бременост, бидејќи такви се и препораките од светската експертиза дека голем број смртни случаи настануваат поради грешки во водењето на бременоста. Ние гинеколози не можеме да створиме преку ноќ и затоа го правиме ова, со дисперзија на специјалистите по семејна медицина и гинеколозите специјалисти од секундарно ниво, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Министерот за здравство вели дека по бројот на гинеколози, во земјата има доволно ваков кадар но е лошо распределен. За руралните средини, пак, ќе ги активираат мобилните гинеколошки амбуланти за ран скрининг на жените од малигни заболувања. Здравствените власти велат дека досегашните мерки што ги спровеле веќе дале резултати. На Клиниката за гинекологија смртноста на новороденчиња од 25 рпоценти во 2016 ја намалиле на 16 во 2018. Премиерот најави и ревидирање на секој смртен случај.

- Преку проектот за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата се реализираат и активности кои значително ја подигнаа свеста кај чинителите на здравствениот систем дека е нужно да се стандардизира и да се подобри квалитетот. Паралелно на овој процес, неодамна е формирана национална работна група која е должна да го ревидира секој смртен случај поединечно, изјави Зоран Заев премиер

- Во иднина ќе бидат важни мерките кои ги планираат во Министерството за здравство околу регионализацијата на гинеколошките одделенија, родилишта, јакнењето на капацитетите и спроведување обуки, зголемување на компетенциите на акушерките и медицинските сестри и нивна стимулација, зголемување на компетенциите на семејните лекари, изјави Ана  Данева Маркова, претседател на комитет за безбедно мајчинство.

Од Комитетот се загрижени и поради намалување на наталитетот што е регистриран во последните 10 години. Најмалку породувања биле регистрриани во 2017 година.