Македонија
2. March 2021 - 16:38

Гинеколозите од Битолската болница се вратија на работа откако добиле казна од 30% намалување на плата

Од вчера повторно се вратија на работа двајцата гинеколози во битолската болница откако беа суспендирани затоа што на првиот ден од оваа година дозволија невработено и неовластено лице да изврши царски рез врз родилка. Дисциплинската постапка заврши, а Комисијата донесе одлука и предлог за казна. Изречена им е максималната парична казна според Законот за здравствена заштита.

-Врз основа на нивната одлука, која беше двајцата одговорни дежурни да бидат казнети со 30% за 6-месечен период е изречено решение за казна и истото доставено до вработените. Во овој случај кога веќе се заврши постапката и се донесе одлука за казна, причините заради кои беа отстранети времено од работа завршија и со тоа од 1-ви март се вратија на работните места. Казната е максималната парична казна согласно Законот за здравствена заштита и меррките кои се изрекуваат за дисциплински престап, изјави Д-р Билјана Гагачовска, директор на клиничка болница Битола. 

Вонреден надзор направи и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој достави известување до надлежното Основно јавно обвинителство за случајот и документација обезбедена при надзорот за натамошно постапување.

-Инспекторатот постапуваше, ги увиде дејствијата кои се преземени од директорот и увиде дека потоа се е во надлежност на обвинителството. До овој момент она што е во надлежност на болницата е постапено, изречени се казните, но понатаму за утврдување на имање или немање вина е постапка независна од нас е во надлежност на други институции, рече Гагачовска.

За овој случај Основното јавно обвинителство Битола оформи предмет по добиена анонимна пријава на 12 јануари 2021 година, а кон предметот е припоена и кривична пријава поднесена од битолската полиција против трите лица. Против гинеколозите од болницата за злоупотреба на службена должност и фалсификување службена исправа, додека против лекарката која ја извршила операцијата и не поседува лиценца, а која е и сопруга на еден од гинеколозите, пријава за надрилекарство.