Македонија
30. November 2020 - 21:18

Ги прашува ли некој Македонците во Бугарија, кои се и дали некој треба да разговара во нивно име?

Македонците во Бугарија сметаат дека причина за барањето на премиерот Борисов земјава да се откаже од македонското малцинство се 14-те пресуди на судот во Стразбур.

„Многу ми е чудно премиер на држава да каже дека не знае од каде пристигнало барањето за постоење на македонско малцинство во Бугарија. Тоа тој го зборува на странските колеги дека Македонци во Бугарија нема, а тоа дека е осудена 14 пати не е ништо“, вели Иван Сингартијски, ОМО Илинден Пирин.

Според македонците во Бугарија, никаков дополнителен договор меѓу двете земји нема да ги спречи во барањата за остварувањето на правата, за кои велат дека се обврска на официјална Софија.

„Тоа не се права кои треба да ни ги даде државата Македонија. Тие права треба да ни ги даде Бугарија бидејќи е потписничка на сите меѓународни документи за човекови права. Нема никаква врска со тоа дека Македонија ќе се откаже од нас или Не, тоа е наше право, ние да си ги бараме правата. Ќе дојде само до таму дека Бугарската влада ќе добие поттик уште повеќе да не ги почитува нашите права“, вели Иван Сингартијски, ОМО Илинден Пирин.

Долгогодишниот судија во Стразбур, Маргартита Цаца Николовска, вели дека Европскиот суд за човекови права, одлуките ги носи поради повреда на загарантираното право на здружување на кое се обврзала Бугарија. Тврди дека евентуалното откажување на Македонија од своето малцинство, нема да влијае врз предметите со кои македонците во Бугарија ги бараат своите права пред судот за човекови права.

„Внатрешното чувство дека некој е македонец не може да биде санкционирано со тоа што некој ќе се откаже од некакво чувство кое што е лично чувство. Значи не е чувство на државата дали сум јас македонец или не за да она си зема за право да интервенира во тое мое чувство. Ако е така, тоа значи дека ние самите би требале како држава да ги поништиме или да се откажеме од оние вредности за кои што денеска, не само ние, туку цела Европа и цел свет зборува“, вели Маргарита Цаца Николовска, Поранешен судија во ЕСЧП.

Последната пресуда на Европскиот суд за човекови права во корист на Македонците е од мај годинава. Според одлуката, на Бугарија и се наложува да го регистира Македонскиот клуб за етничка толеранција, а треба да му исплати и штета од 7 и пол илјади евра.