Македонија
19. July 2016 - 16:33

Гевгелиските лекари официјално обвинети за смртта на родилката и новороденчето

Анестезиологот и двајцата гинеколози кои се осомничени за смртта на родилката Маја Кадиева од Гевгелија и нејзиното бебе, ќе седнат во судница. Ќе им се суди за тешки дела против здравјето на луѓето. Велешкото обвинителство денеска соопшти дека е одобрен обвинителниот акт кој е поднесен против тројцата лекари.

-Обвинението беше поднесено поради нивно несовесно постапување на 22.10.2015 година, при породување на пациентка во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, што резултираше со смрт на родилката и на нејзиното новородено. Решението за одобрување на Обвинителниот акт е донесено по приговорите поднесени од страна на обвинетите и нивните бранители, - се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

По спроведената истражна постапка, обвинение беше поднесено против три лица, анастезиологот од болницата во Гевгелија и двајца гинеколози од струмичката болница. Истовремено, обвинителството донесе наредба за запирање на истражната постапка што се водеше против четвртоосомниченото лице, кое во меѓувреме почина.