Македонија
9. April 2020 - 13:57

Гевгелија во трета фаза на ширење на коронавирусот

 Во Гевгелија пет дена по ред се регистрира истиот број од четири заразени лица од Ковид-19, и тоа сите од исто семејство. Според епидемиолозите, тоа претставува добра и позитивна вест.

Според мерните параметри на Институтот за јавно здравје, инциденцата на болеста во Гевгелија е со стапка од 11,6 (на 100.000 жители) или се наоѓа во Фаза 3, што значи дека трансмисијата на коронавирусот е локализирана.

Од гевгелиската подрачна единица на Центарот за јавно здравје информираат дека во нивниот пункт за земање брис досега се направени 77 тестови на пациенти кои беа нотирани во епидемиолошката карта на веќе заболените лица од Гевгелија, како и на лица кои се наоѓаат во државен карантин во хотелот на казиното „Фламинго“.Тестовите кај 45 лица се негативни на коронавирус, а од 32 недоработени тестови се чекаат резултатите.

Епидемиолозите апелираат на дисциплина и натамошна строга примена на мерките за заштита од ширењето на Ковид-19, особено во пресрет и за време на претстојните велигденски празници.