Македонија
27. October 2020 - 16:34

Гевгелија со патрола ќе го контролира спроведувањето на мерките за заштита

Патролни групи ќе ја контролираат примената на мерките за заштита од ширењето на корона вирусот во Гевгелија. Контролите на терен започнуваат од утре а освен надлежните државни и локални инспекциски служби на терен ќе излезат и граѓански патроли формирани во месните заедници. Во патролите ќе бидат вклучени и членови на општинскиот совет. Ова е договорено на последниот состанок на кризниот штаб во Гевгелија на кој било констатирано дека состојбата со новозаразени во овој регион станува загрижувачка и токму затоа мора да се интензивираат контролите на терен.

Од минатата недела градскиот пазар наместо со три работи само со еден влез и тоа под посебни протоколи. Веќе било разговарано и со претставници од гевгелиското архиерејско намесништво со кои договориле  погребните церемонии, наместо во Градската капела, да се организираат на само на градските гробишта, како и помените и тоа со присуство на ограничен број на членови на семејството, додека црковната кујна и трпезарија се затвораат до крајот на годината.

Поради зголемениот број на нови случаи со корона вирус во гевгелиската болница веќе се работи на доградба на дополнителен простор  за пациентите кои примаат терапија во болнички услови. Проширувањето ќе биде во склоп на постојниот Ковид центар во кој моментални се врши прием и тестирањето за корона вирус. Објектот ќе чини околу 377 000 денари, а средствата најверојатно ќе бидат обезбедени од општинскиот буџет. Барањето веќе е доставено до општината, а за негово одобрување гевгелиските советници треба да се изјаснат на седницата во четврток.