Бизнис
10. February 2016 - 16:22

Гевгелија ќе аплицира на отворениот повик на ИПА програмата

Заменикот министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов, денеска во Гевгелија оствари средба со градоначалникот Иван Франгов со кого разговараше за подготвеноста на општина Гевгелија да аплицира со свои проекти за средства од ИПА програмата за прекугранична соработка на Македонија со Грција и Бугарија, како и за стекнатото искуство од првиот програмски период.

-Како министерство, генерално сме задоволни од подготвеноста на општините и од нивната досегашна реализација. Целта на посетата на Гевгелија, која е лидер во прекуграничната соработка е да се поттикнат општините и другите субјекти да подготват проекти со кои ќе аплицираат и ќе ја искористат можноста да реализираат некои од своите приоритети, рече Пренџов.

Нагласи дека Минисстерството за локална самоуправа, во вториот програмски период до 2020 година ќе менаџира со околу 100 милиони евра, средства од ЕУ, наменети за реализација на проекти.

Гевгелискиот градоначалник Франгов го информираше својот гостин дека општина Гевгелија во изминатите три години реализирала над 1,1 милион евра преку ИПА програмата од кои најголемиот дел или 883.000 евра беа искоритени за реализирани проекти од прекуграничната соработка со Грција.

-Значајно е што својата соработка општина Гевгелија од неодамна ја прошири и со пограничните општини од Бугарија со кои заедно реализиравме проекти за кои ни беа одобрени уште 320.000 евра. Во оваа прилика сакам да нагласам дека на последниот повик од ИПА аплициравме со два проекти заедно со Бугарија, а на отворениот јавен повик ќе аплицираме и со Грција, нагласи Франгов.