Македонија
7. November 2016 - 14:39

Гевгелија го одбележа Денот на ослободувањето

Со положување цвеќе пред обележјата и спомениците на народните херои и паднатите борци во НОБ, Гевгелија го одбележа општинскиот празник 7 Ноември, Денот на ослободувањето на грдот.

Покрај општинската делегација, предводена од градоначалникот Иван Франгов, цвеќе положија делегациите на борците, пензионерите, политичките партии, здруженија на граѓани и делегациите на збратимените општини Инџија,Ј абланица и Пазин кои беа предводени од нивните градоначалници.

- Гевгелија од секогаш важела за град со европски обележја и стандарди, град кој се развивал и ги обезбедил основните инфраструктурни услови за пристоен живот. Тоа слободно го констатираме во годината кога одбележуваме 130-годишнина од прогласувањето на Гевгелија за градска населба и денеска кога го одбележуваме општинскиот празник, 7 Ноември, денот кога пред 72 години беше ослободена Гевгелија, нагласи градоначалникот Франгов во обраќањето пред присутните на централната прослава.

Тој истакна дека Гевгелија претставува урбана средина во која се поголем број граѓани од земјата и соседството одлучуваат да живеат не само како резултат на гостопримството, туку првенствено поради создадените поволни услови за развивање бизнис и подобар живот.

- Сигурен сум дека водени од заедничкиот интерес и вашата подршка, со посветено и секојдневно напорно работење овој тренд ќе успееме да го продолжиме, поточно до наредното празнување на овој ден да покажеме дека целосно сме биле во право, рече Франгов.

Во чест на општинскиот празник, изминативе неколку дена под покровителство на општина Гевгелија се одржа богата културна програма со изведба на концерти, театарски претстави и отворање ликовна изложба на академскиот сликар Драги Хаџи-Николов-Аџи. Програмата завршува денеска со промоција на книгата за Васка Дуганова од авторот Ристо Стамков и со претставата „Приказни на заборавените предци“ во изведба на Народниот театар Слојштица.