Балкан
2. December 2015 - 20:52

Геровасили: Никогаш не е поставено прашањето за излегување на Грција од Шенген зоната

Никогаш не е поставено прашањето за излегување на Грција од Шенген зоната, изјави портпаролот на грчката Влада, Олга Геровасили, информира електронското издание на грчкиот весник „Прото тема“.

Според неа, воопшто не се точни написите во кои се споменуваат сценарија за исклучување на земјата од Шенген зоната заради бегалската криза.

Според Геровасили, ваквите написи имаат за цел врз Грција да се префрли одговорноста за решавање на кризата со бегалците и мигрантите.

- И покрај големите тешкотии земјата ги извршува своите европски задачи. Меѓу нив се создавање центри за брза регистрација, таканаречени „жешки точки“, изградба на центри за сместување, како и резулутно чување на границите. Овој факт јасно беше признат и на неодамнешната средба на ЕУ во рамки на советот ЕУ-Турција, изјави портпаролката.

Геровасили дополни дека и Атина очекува од своите европски партнери да ги исполнат нивните обврски.

Според напис во весникот „Фајненшел тајмс“, цитиран денеска од грчките медиуми, Европејците на маса ја ставиле заканата за исклучување на Грција од Шенген зоната заради континуираното нереагирање на земјата околу контролата на своите граници.

Повикувајќи се на четворица европски дипломати, весникот пишува дека министрите за надворешни работи на ЕУ кои во петок ќе се соберат на советување, јасно ќе стават до знаење дека ќе разгледаат „драстични мерки“ доколку Грција не почне да дејствува пред средбата на врвот во средината на декември.