Свет
12. јуни 2021 - 18:33

Германските Зелени ја потврдија кандидатурата на Баербок за канцеларка на изборите во септември

Германските Зелени денеска во Берлин и официјално ја номинираа својата кандидатка Аналена Баербок за канцелар на изборите во септември  и покрај грешките кои самата ги призна и кои не и одат во корист во трката за наследник на Ангела Меркел.

На тридневниот партиски конгрес, што почна во петокот во Берлин, од 688 делегати дури 98,5 проценти гласаа за двоецот Баербок / Роберт Хабек. Хабек е копретседател на партијата.

Баербок (40) изрази жалење што, откако во април беше номинирана за канцелар направила неколку грешки, а тоа резултираше со значително намалување на популарноста на Зелените во анкетите.

Конзервативците од ЦДУ-ЦСУ во моментов се попопуларни од Зелените, иако ги предводи непопуларниот кандидат Армин Лашет. Според анкетата спроведена во четвртокот за телевизијата АРД, 28 проценти од испитаниците би гласале за демохристијаните и 20 проценти за зелените, што е пад од шест поени за еден месец.

Баербок не го пријавила во Долниот дом на германскиот Парламент бонусот што го добила од партијата, а за кој не бил платен данок. Таа, исто така, мораше да ја поправи својата биографија, во која имаше неколку грешки. И Хабек имаше одредени проблеми во редовите на неговата партија затоа што се залага за испорака на оружје за Украина, за земјата да може да се соочи со руската закана.