Свет
16. јуни 2016 - 15:41

Германските министри бараат повеќе видео камери и полицајци

Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мазиер побара повеќе видео камери со висока резолуција и специјално обучени полицајци за надзор со цел да се намали криминалот во земјата, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Во Германија минатата година се регистрирани рекордни 160 илјади кражби.

Во интервју за весникот „Рајнише пост“ де Мазиер бара повеќе видео надзор во населбите и мирните резиденцијални подрачја. Според него видео надзорот може да биде важен елемент за намалување на кражбите.

Покрај камери, министерот бара и зголемување на бројот на полицајци кои што треба да се грижат за надгледување на најпогодените подрачја. Овие полицајци кои што се познати под терминот „Полицајци за помош“ имаат помали овластувања и можат да почнат со работа со неколкумесечен тренинг.

Повикот на министерот за внатрешни работи доаѓа неколку дена откако вицеканцеларот Зигмар Габриел повика на зголемување на бројот на федерални полицајци за уште неколку илјади службеници кои што треба да бидат вработени како дополнување на 3000 полициски службеници кои што веќе се договорени меѓу колаиционите партнери ЦДУ на Меркел и СПД на Габриел.