Свет
19. April 2021 - 8:23

Германските конзервативци се уште поделени околу наследникот на Меркел

 Германските конзервативци го пробија рокот, кој самите си го поставија, во кој треба да одлучат кој ќе ги предводи ЦДУ и ЦСУ на парламентарните избори по заминувањето на канцеларката Ангела Меркел.

Христијан демократите (ЦДУ) и нивните баварски сојузници веќе подолг период водат меѓусебна битка за наследникот на Меркел, а главни кандидати се Армин Лашет, кој од јануари годинава е претседател на ЦДУ, и е премиер на Северна Рајна Вестфалија и Маркус Зедер, шеф на баварската сестринска партија ЦСУ, и премиер на Баварија.

Двајцата политичари и нивните тимови минатата недела во неколку наврати разговараа за да го решат конфликтот до недела, но преговорите не се поместија од ќор-сокак, и покрај тврдењата дека биле конструктивни.

Според извори на ДПА, Зедер синоќа пристигнал со авион во Берлин, а Лашет наводно е веќе во главниот град. Вечерта, тие наводно пристигнале во зградата на федералниот парламент, можеби на состанок, пишува ДПА, додавајќи дека информациите за состанокот не се потврдени.

Ниту тимот на Зедер, ниту на Лашет не сакаа да ги коментираат преговорите или плановите.

Ако одлука не биде донесена денеска, жешкиот костен може утре да се пренесе во парламентарната фракција ЦДУ/ЦСУ, забележува ДПА.

Неодамнешната анкета на јавната телевизија АРД покажа дека Зедер има поддршка од 44 проценти од Германците како кандидат за канцелар на ЦДУ и ЦСУ, а Лашет само 15 проценти.

ЦДУ и ЦСУ традиционално номинираат заеднички кандидат за позицијата канцелар и под нормални околности Лашет, како лојален кадар на Ангела Меркел, би бил логично решение, бидејќи ЦДУ е поголема партија.

Но, пандемијата ги измеша картите и проблемите на владата во управувањето со кризата, што негативно влијаеше на рејтингот на ЦДУ, отворајќи му можност на Зедер да се профилира како силен кандидат. Лидерот на Баварците е подиректен во својат настап и во моментов е еден од најпопуларните германски политичари, забележува ДПА.