Свет
10. December 2017 - 10:40

Германските конзервативци ја отфрлија идејата на социјалдемократите за „Соединети Европски Држави"

Истакнати претставници на конзервативците на германскиот канцелар Ангела Меркел вчера ја отфрлија идејата за „Соединети Европски Држави", предложена од социјалдемократите, со кои се надеваат да состават владејачка коалиција.

Лидерот на социјалдемократите Мартин Шулц изјави претходно оваа недела дека партијата, која забележа најлош изборен резултат во септември, ќе добие поддршка само преку лансирање на јасна визија за Европа, и повика на создавање на „Соединети Европски Држави“ до 2025 година

Разговорите за зачувување на коалицијата меѓу конзервативците и социјалдемократите, која управува со Германија од 2013 година, ќе започнат в среда, но меѓу двете партии има несогласување во однос на темата за Европа, која најверојатно ќе игра клучна улога во дискусијата.

Истражување на Емнид за весникот „Билд" утврди дека помалку од една третина од Германците (30 проценти) ја поддржуваат идејата на Шулц, додека речиси половина (48 отсто) ја отфрлаат.