Бизнис
11. April 2017 - 14:38

Германските компании повторно би инвестирале доколку не се влоши политичката криза

Непредвидливата политичка криза има силно  влијание врз економијата и е најголем предизвик за германските компании во земјава.  Под претпоставка дека нема да се влоши и дека наскоро ќе биде надмината, тие повторно би инвестирале во Македонија зашто сметаат дека е атрактивна локација за нивните вложувања.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција на која Македонско-германското стопанско здружение ги презентира резултатите од работењето во 2016 година, сериозни проблеми за бизнисот се и дефицитот на правна сигурност, политичката и социјалната стабилност, борбата против корупцијата и криминалот, транспарентноста при јавните набавки и наплатата на побарувањата.

Според анкетата со која биле опфатени 71 компанија, добро се оценети  пазарот на трудот во Македонија, продуктивноста и работниот капацитет на вработените, нивните квалификации и академско образование, трошоците за придонеси, како и даночниот систем и даночните оптоварувања.

- Добар знак е тоа што поголем дел од компаниите, дури 82 повторно би инвестирале во Македонија што е 10 проценти повеќе од лани и е важна порака до потенцијалните инвеститори. Во земјата работат повеќе од 200 фирми со германски капитал кои вработуваат 15.000 лица. Од овие причини потребно е многу брзо решение за актуелната политичка криза која силно се пресликува врз стопанството, потенцира директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс, презентирајќи ги резултатите. 

И германската амбасадорка Кристине Алтхаузер порача дека е неопходно брзо решавање на политичката криза. Германија, рече, останува најголем трговски партнер на Македонија со 47 отсто удел и е главен пазар за македонската стока.

- Двонасочна улица, размена, дијалог и компромис се основните фактори за успешна трговија, подвлече амбасадорката, додавајќи дека Македонија остварува суфицит во трговијата со Германија што е реткост.

Според анкетата на Македонско-германското стопанско здружение, 51 отсто од компаниите  ја оцениле актуелната состојба во земјава како лоша, а само 10 отсто како добра. Повеќето, 63 отсто, сметаат дека ситуацијата ќе остане непроменета, 26 проценти очекуваат влошување, а 11 отсто се оптимисти и прогнозираат подобрување.

Во однос на сопствената деловна состојба, 54 отсто очекуваат подобрување, 43 проценти прогнозираат дека нема да има промени, а три отсто најавуваат влошување во споредба со 2016.

Речиси идентични како лани се плановите на компаниите за отворање нови работни места и за инвестиции. Вкупно 44 отсто планираат да го зголемат бројот на вработените, додека 50 проценти не планираат ниту зголемување, ниту намалување на работните места. Само 13 отсто предвидуваат кратење на средствата за нови инвестиции.

Како што напомена Мартенс, во фокусот на Македонското-германско стопанско здружение останува имплементирањето на дуалното стручно образование како основен фактор за обезбедување соодветен кадар. - Состојбата со стручен кадар е добра, но дојдени сме скоро до критична точка. Тоа значи евентуален проблем за изнаоѓање соодветна работна сила, забележа Мартенс.

Германските инвестиции во Македонија бележат значителен пораст поради што од јануари годинава Македонското-германско стопанско здружение се етаблира како Делегација. Досега неговото раководење беше од Белград.